П.К.Љуботен

Е-пошта Печати PDF
... од почетоците до денес

Во Тетово, градот под Шара, на 23 март 1925 година се формира Планинарско Друштво „Љуботен“. Со формирањето на ова друштво започнуваат организираните искачувања кон убавините на Шара.
Веднаш по формирањето, дел од членовите се искачиле на највисокиот врв на Шара, Турчин и го поставиле државното знаме. Планинарските активности немале некои големи достигнувања во првите години, но со иницијативата за градење на домови на Љуботен и Попова Шапка активностите стануваат се побројни. По изградбата на планинарските домови на Љуботен во 1931 и на Попова Шапка во 1934 година, во кои интензивно учевствувале членовите на планинарското друштво „Љуботен“, планинарските активности по цела Шар Планина стануваат многубројни.

На Љуботен 1928
На Титов Врв 1935
На Јелак 1936

Во 1929г. во рамките на друштвото се формира скијачка секција која е доста активна на тогашните курсови и натпревари. Во ноември 1934 година е извршено преименување на врвот Турчин во Александров Врв кое го извршиле членовите на друштвото. Најзначајните планинарски посети во овој период се на Попова Шапка, па од тука на Јелак, Лешница, Караникола, Церипашина, Турчин, Боговињско Езеро, Кобилица, потоа Љуботен со Ливадичко Езеро, Пирибег и др. Во 1940 година, нашите членови учевствуваат и во светењето на планинарско– ловечкиот дом на Голгота.

Караниколичко 1937
Попова Шапка 1938
Спуст кон Тетово 1937
 За време на Втората светска војна активностите на друштвото се во стагнација. Пролетта 1947 година на Попова Шапка е одржано Собрание на кое е возобновено Планинарско Друштво „Љуботен“. Оттогаш започнува повторно организирање на планинарски акции и тоа преку јавни повици и плакати. Во тој период започнуваат и зимски искачувања на Шара. Од 1947 до 1956 година се обновуваат постоечките домови на Попова Шапка и Љуботен, се градат планинарски прифатни куќи под Титов Врв, Црн Врв и на Пирибег, се гради планинарскиот дом на Јелак и изградена е планинарската кула на Титов Врв. Сите овие домови се изградени и обновени од страна на планинарското друштво „Љуботен“
Попова Шапка 1947
Љуботен 1950
Солунска Глава 1952
Започнуваат планинарски тури и по другите планини во Македонија: Солунска Глава, Пелистер и Галичица од 1951 до 1952 г. На 21.04.1953 г. по иницијатива на друштвото и на граѓаните на Тетово, највисокиот врв на Шара, Голем Турчин е преименуван во Титов Врв. На 31 Јануари 1954 го бележиме трагичниот настан од движењето на штафетата на младоста која требала да започне од Титов Врв, кога двајца наши планинари: Диме Флејта и Иван Чанак ги загубија своите животи во лавината која затрупа и поголем број од планинарите. По повод двата Илиндена, на 2 Август 1954 година друштвото започна да го организира традиционалниот Илинденски слет на Лешница. Во Август 1955 година изведен е легендарен поход – пеш од Тетово до Дубровник. Во февруари 1956 година, група членови од друштвото, активно и најбројно се вклучени во спасувањето на работниците , рударите и војската во Маврово, погодено од катастрофална лавина. На крајот од педесеттите години, организирани се посети надвор од Македонија: Проклетије 1956 г., Велебит 1957 г. и Сутјеска 1958 г.
Лешница 1954
На пат кон Дубровник 1955 
Велебит 1957
Шеесеттите години ги карактеризираат традиционалните слетови на Лешница кои бројат и по 400 учесници на слет. Во ноември 1963 г. ја имаме честа да бидеме први носители на планинарската штафета на Југославија. Летото 1967 г. П.Д. „Љуботен“ најмасовно ја организира и изведува трансверзалата Љуботен – Титов Врв. Се нижат акции. Во 1977 година друштвото го организира „Походот на планинарската младина на Југославија“. На 4 Јули 1978 г. нашето друштво се вклучува во склопот на збратимени планинарски друштва на СФРЈ.
Штафета 1963
Караниколичко езеро 1964
Титов Врв 1977
Осумдесеттите години добиваат ново значење за планинарскиот клуб „Љуботен“. На крајот на мај 1980, клубот започнува во почетокот меморијално, а покасно традиционално искачување на Титов Врв. Оваа манифестација е една од најголемите во Македонија и е значајна за голем број планинари од Европа. Нашите членови започнуваат да ги искачуваат највисоките врвови на Балканот и во Европа. Во 1980 година по покана на П.Д. „Победа“ од Белград, двајца наши членови, Јованоски Бошко – Пипа и Апостолски Младен – Ганда, го искачуваат Мон Блан и повеќе врвови на Алпите. Во периодот од 1981 до 1985 година организирани се искачувања на Олимп, Мусала, Триглав и Татрите.
Мон Блан 1980
Олимп 1981
Триглав 1983
Традиционалните манифестации на локално и државно ниво продолжуваат. Во јуни 1994 година започна меморијалниот марш за нашиот Мирко Маринковиќ. Во рамките на клубот во 1995 г. се формира алпинистичка секција, која за краток поериод достигна навистина врвни успеси, меѓу кои и дел од алпинистичките насоки на Алпите и искачувањето на Мон Блан во 1996 и 1997 год. Крајот на деведесеттите години е значаен по искачувањето на највисокиот врв во Африка, Килиманџаро, од страна на Зоран Тодоров и Драшко Настоски на 23 Септември 1998 година. Последните две години од деведесетите, членовите на алпинистичката секција беа вклучени во државната експедиција за симнувањето на телото на Димитар Илиески - Мурато од Монт Еверест.
Мон Блан 1998
Качување на мраз 1998
Калеменџаро 1998

Поради познатата состојба во тетовско во 2001 и 2002 година, активностите на П.К.„Љуботен“ стагнираа. Сепак, по две години пауза, во 2003 година на Шара ги организиравме најпознатите манифестации на клубот: 22-то традиционално искачување на Титов Врв и традиционалниот слет на Лешница. Од страна на членовите на алпинистичката секција, Надир Мурсели, Дарко Спироски и Јусуф Лизами, во август 2003 година беше искачен карактеристичниот врв на Алпите, Марерхорн. Во авуст 2004 го организиравме 50-от јубилеен Илинденски слет Лешница.

Титов Врв 2003
Матерхорн 2003
Лешница 2004

На почетокот од 2005, Надир Мурсели тргна кон највисокиот врв на Андите, Аконкакгва и стигна 600 метри под врвот. Во октомври 2005 година ја имавме честа да бидеме домаќини на 7-те Балкански планинарски средби „Попова Шапка 2005“. На крајот од ноември 2005 година со свечено Собрание и историска излозба на фотографии го прославивме 80-от роденден на едно од најстарите активни планинарски друштва во Македонија, П.К.„Љуботен“ - Тетово.

Аконгагва 2005
7-ми Балкански планинатски средби
 
Свечено Собрание
80 години П.К. Љуботен
Во 2006 искачувањето кон Белојшките Водопади од интерно го реорганизиравме на локално ниво, со што се јави огромен интерес од страна на граѓаните на Тетово. На манифестацијата се вклучуваа по 100 учесници. Освен традиционалните манифестации продолживме со се поинтезивни проекти. 12 членови на клубот во 2006-2007 ја посетуваа обуката за професионални водачи во планина со што се стекнаа со лиценци за водење во планина. 2007 ја одбележавме со поставување на 9 информативни табли и маркиравме на 70% од планинските патеки на Шара. На крајот од истата година започнавме соработка со Македонското Еколошко Друштво од Скопје на проектот за Идентификација и заштита на значајните растителни подрачја во Р.Македонија на регионот на Шар Планина. 2008 ја одбележа Ристоски Мирослав со неговото искачување на највисокиот врв во Европа, Елбрус 5642 м. Како претставник од П.К “Љуботен” во експедицијата на П.Д. “Победа” од Белград. На крајот од 2008 клубот ја отвори војата канцеларија која ќе опслужува со професионални водачи на планина Shara Mountain Guide.
Кон Белојшки Водопад 2008
На Рудока со МЕД 2008
Елбрус 2008
Ги наведовме најзначајните моменти од планинарскиот клуб „Љуботен“ проследени со текст и фотографии. Сепак за богатата историја на клубот потребно е многу повеќе простор и време, кои за заинтересираните може да се одвојат.